Исплатите од ИПАРД програмата привремено прекинати поради проверка на законитоста

Исплатите од ИПАРД програмата привремено прекинати поради проверка на законитоста

пред 5 часа

Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата – инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој, соопшти Министерството за финансии.

Оттука објаснија дека одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството.

Во моментот Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе превземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.

Се додава дека Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски во текот на денот на прес-конференција изјави дека одлуката за суспендирање стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија, како што појасни, опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици. Причината, како што вели, е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство.

Попладнево министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, изјави дека Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата и додаде дека ќе продолжи борбата против корупцијата Тој појасни дека веднаш по акцијата на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, се преземени дополнителни активности за целосна проверка на работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

„Ќе се преземат мерки за унапредување на контролните механизми, особено во делот на исплатата на ИПАРД средствата,“ додаде Трипуновски.

Министерот  најави дека набрзо ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.

Текстот Исплатите од ИПАРД програмата привремено прекинати поради проверка на законитоста е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top