Истрага против возач кој под дејство на алкохол и наркотици прегазил велосипедист во Маџари

пред 2 години

Скопското јавно обвинителство ќе поведе постапка против 25-годишник за кој постои сомнение дека сторил тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

На 4 декември, осомничениот 25-годишник управувал автомобил „форд фокус“ во сопственост на неговиот татко, без да поседува важечка возачка дозвола, под дејство на алкохол од 1,65 промили и со присуство на тетрахидроканабинол (THC) во крвта и урината.

На крстосница на улицата „Маџари“ со улицата „Палмиро Тољати“ не почитувал поставени знаци за пат со првенство на минување, а брзината на движење не ја приспособил кон состојбата и условите на патот и кон густината на сообраќајот.

Притоа со возилото со кое управувал удрил во задниот дел на велосипед марка „Рог“, управуван од оштетеното лице. По несреќата, наместо да укаже помош, осомничениот веднаш го напуштил местото. Велосипедистот се здобил со тешки повреди од кои починал на лице место.

Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување притвор за осомничениот бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и очевидците на несреќата, како и оправдан страв дека тој би можел да го повтори кривичното дело​.

Share
Scroll to Top