Истражување: Кандидатките за ланските избори ставени во сенка на своите колеги мажи

пред 3 години

Медиумското покривање на изборната кампања за предвремените парламентарни избори што се одржаа лани забележително тежнееше кон промоција на мажите – кандидати за пратеници и машкиот поглед и експертиза за случувањата околу изборите, покажа исстражување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги „Родот во изборната кампања 2020: Анализа на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и на мажите во изборното медиумско претставување на националните телевизии“.

Примерокот за анализата беа вкупно 2.056 медиумски содржини: прилози во дневноинформативни емисии, интервјуа, дебати и спотови на платено политичко рекламирање, емитувани во периодот од 24.06 до 12.07.2020 година на националните телевизиски сервиси во земјата: МРТ 1 и МРТ 2, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма.

„Кандидатките беа ставени во сенка на своите колеги мажи, имаа помалку пристап до различните форми на промоција на нивните платформи и нивните профили и пораки остануваа анонимни, односно нечуени и невидени од јавноста. Во прилозите за изборната кампања, од вкупно 134 претставници на политички партии, 128 беа мажи, наспроти 6 жени. Во дневно информативните емисии на изборни теми, како примарни субјекти се појавуваа 86% мажи, наспроти 14% жени“, се наведува во истражувањето.

Анализата покажа дека во 9 прилози претставувањето на жените беше сексуално објективизирано, додека во 6 прилози беше забележана стереотипизација врз основа на родовите улоги претпоставени од општеството.

Според истражувањето, родовата стереотипизација најчесто била присутна во платените политички реклами. Таа се забележувала во однос на општествените улоги на жените и на мажите, особено во делот на грижата за семејството, храброста и херојството и професиите.

Според АВМУ, ваквата поставеност на медиумското известување во однос на изборната кампања во голема мера е паралелна и со родовиот (дис)баланс во медиумското известување во светот, генерално.

Истражувањето, за потребите на Агенцијата го изработи тим на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС), а резултатите беа првично презентирани на првиот јавен состанок на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на 25.03.2021 година.

Share
Scroll to Top