ИЈЗ: Во последните три недели намален е бројот на новозаболени и починати од коронавирус

пред 3 години

Во последните три недели намален е бројот на новозаболени и починати од коронавирус, како и бројот на позитивни во одност на тестираните лица, соопшти Институтот за јавно здравје.

Во извештајот за изминатата недела, од 14 до 20 декември, се наведува дека се тестирани 15.607 лица што е намалување од 1,6% во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 16,9% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје.

Во периодот од 14 до 20 декември процентот на позитивни од тестирани случаи изнесува 29,3% намалување од 5,5% во однос на минатата недела.

Минатата недела се регистрирани заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (29,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (19,3%), 30-39 (17,7%), 40-49 (17,5%) и 20-29 (11,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години (1,3%) и 10-19 години (3,9%).

По добиени два негативни теста или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 15,1% помалку во споредба со минатата недела.

Пријавени се 159 смртни случаи од 25 града, со намалување од 8,6% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50-59 години, 8 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и три случаи од возрасната група од 30-39 години.

Share
Scroll to Top