Помилувањето на членот на собраниското обезбедување Абдуљфета Алими кој беше осуден за настаните од 27 април е направено поради исполнети услови за делумно ослободување од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор во траење од осум месеци, наведуваат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по реакциите во јавноста.
Во соопштението кое денеска го објави Кабинетот е наведено и дека лицето Александар Петровски е помилувано, односно потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор, бидејќи станува збор за граѓанин со тешка и животнозагрозувачка здравствена состојба. Од кабинетот на Пендаровски велат дека не станува збор за повратник од странски боишта.
„Основните предуслови за едно лице да биде помилувано, се во насока на добро поведение, да покажал каење за стореното дело, да почне со отслужување на казната, да не станува збор за повторник или лице кое има повеќе дела за кои треба да одговара и во иднина. Потенцираме дека за одредени кривични дела не е возможно да се бара помилување. Секој случај се разгледува поединечно. Во однос на предметите опфатени со последната одлука за помилување на осудени лица, Комисијата за помилување даде позитивен предлог“, додаваат од кабинетот на Пендаровски.
Помилувањето, како што појаснуваат од Кабинетот, е институт кој има корективна функција. Дејствата кои ги предизвикува помилувањето се овозможување и забрзување на ресоцијализацијата на осудените лица а со тоа и остварувањето на целите на казнувањето и извршувањето на казната.
„Претседателот Пендаровски, во текот на неговиот мандат потполни помилувања има дадено само во ситуации кога граѓаните кои ги бараат се во животнозагрозувачка здравствена состојба. Потенцираме дека, претседателот Пендаровски најчесто дава делумни помилувања односно 3 – 8 месеци, и тоа во случаи кога граѓаните кои бараат помилување имаат за отслужување уште неколку години од казната, и кога во нивните случаи биле исполнети горенаведените предуслови“, информираат од кабинетот на Пендаровски.