Ангел Карапетров, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Тетово, вели дека одлуката за уривање на крстот на Попова Шапка не е на Беса и ВМРО, туку на општинскиот Инспекторат, кој постапил по барање на СДСМ и ДУИ.
„Јавноста веќе се измори од игрите на СДСМ и ДУИ и секојдневното подгревање на тензиите за состојбата со крстот на Попова Шапка и постојаниот повик до нас дека ние сме биле виновни. Г-ѓа Фаница Николовска и СДСМ најпрвин треба да престанат да се резилат кога повикуваат на смиреност и намалување на тензиите кога добро знаат дека токму тие ги предизвикуваат. Одлуката за уривање на крстот не е одлука на Беса и ВМРО, туку одлука на општинскиот Инспекторат, кој постапи по барање на коалицискиот партнер на СДСМ – ДУИ. Јавноста добро памети дека нивниот партнер ДУИ уште дента кога се постави крстот, реагира како да се случило нешто најстрашно. Доколку убаво го слушале раководителот на Инспекторатот, кој рече дека решението ќе се спроведе кога ќе дојде на ред, односно по 5.000 други нелегални објекти, меѓу кои и џамијата на Попова Шапка, ќе знаат дека такво нешто нема да се случи“, вели Карапетров.
Како што додава, од СДСМ се многу бучни за крстот, но никаде ги немало кога се градела џамијата, токму во време кога, како што вели, тие биле лонче и капаче во тетовската локална власт заедно со ДУИ.
Текстот Карапетров: Одлуката за уривање на крстот не е на Беса и ВМРО, туку на општинскиот Инспекторат, кој постапи по барање на СДСМ и ДУИ е превземен од МАКФАКС.