Кацарска на министерот Тупанчевски му ги презентира проблемите на вработените во Уставниот суд

пред 2 години

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, денеска оствари средба со министерот за правда, Никола Тупанчески.

Како што се наведува во соопштението за средбата, на неа биле афирмирани заемните заложби за владеење на правото и функционален правен систем.

Претседателката на Уставниот суд изразила загриженост за функционирањето на Судот со четири судии помалку од она што е предвидено во Уставот.

„Двете страни се согласија дека ова е прашање од врвен интерес за државата и заштитата на уставниот поредок и во најскоро време треба да биде решено“, стои во соопштението.

Кацарска го информирала министерот за правда за проблемите на Судот во смисла на просторното сместување, потребата од опремување на сервер салата, зголемувањето на кадровските капацитети, како и потребата од законско уредување на материјалниот статус на уставните судии и вработените во Службата на Судот.

Тупанчески се заложил за вложување максимални напори за зајакнување на капацитетите на оваа институција.

На средбата биле разменети мислења за пристапот до целосна функционална и финансиска независност на Судот преку компаративни примери од европските земји.

Министерот најавил поддршка преку ИПА 3 со кој е предвидено зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Судот преку поддршка за измени на Деловникот на Судот, обуки и студиски посети на судиите и стручната служба и подобрување на ИТ инфраструктурата на Уставниот суд.

Share
Scroll to Top