Според истражувањето на угледниот „Економист“, за индексот на демократија во светот, Северна Македонија повеќе не е рангирана како „хибриден режим“ и влезе во зоната на функционални демократии како „демократија со недостатоци“, соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
Како што нагласува тој, според критериумите кои се измерени во истражувањето, функционалноста на Владата е во континуиран раст од 2017 година.
„Не така одамна бевме сведоци колку е опасно кога демократски назадуваме. Заради претходната власт и автократското владеење бевме рангирани како ‘хибриден режим’. Остануваме посветени на унапредување на правата на граѓаните и медиумите градејќи слободно општество“, посочи Ковачевски.
Индексот на демократијата на Северна Македонија според „Економист“ е подобрен за пет места што, според премиерот, е голем успех во време кога демократијата назадува во светски рамки.
„Во споредба со 2020 година кога беше рангирана на 78 место од 167 земји за 2021 година земјава бележи скок од пет места и сега е рангирана на 73 место“, додава премиерот.
Според критериумите по кои се врши рангирањето, Северна Македонија во четири од вкупно пет категории има оценки над просечната од 6.03. Најдобра е во делот на изборен процес и плуразлизам – 7.42, во кои има континуиран напредок.