Ковачев: На Заев му недостига храброст за да го исполни договорот со Бугарија

пред 4 години

На 17 ноември, oчигледно, нема да се стигне до решение за да започнат преговорите меѓу РС Македонија и ЕУ. Јас не би го нарекол ова вето, туку одложување. Ова го изјави Андреј Ковачев, европратеник од ЕПП.

„Одложување на процесот, но се зависи од Скопје. Ако одлучат да го сменат своето мислење, да престанат да ја фалсификуваат историјата и да престанат да користат говор на омраза, тогаш ќе имаме друго решение. Но, малку е веројатно дека тоа ќе се случи во наредните денови“, рече Ковачев, кој не кажа краен рок, кога ќе може да се најде решение.

Бугарскиот европратеник не ја исклучи можноста почетокот на преговорите да почне за време на некое од следните претседателства на ЕУ пред 2021 година.

Ковачев истакна дека бугарската позиција не се променила со текот на годините. Македонија имала цели три години од потпишувањето на Договорот, да ја смени својата политика, вели тој.

„Во Договорот е напишано дека имаме општа, а не заедничка или паралелна историја, како што инсистираат Македонците. Тие немаат од што да се плашат и да бегаат од вистината. Признавањето на историската вистина нема да го промени нивниот современ идентитет“, изјави Ковачев за телевизијата БГ On Air.

Според него, не е европска вредност да се бара од Бугарите да прифатат лаги и манипулации.

„Тие не можат да ни кажат дека има две вистини. Ова не е античка историја, каде што може да има различни толкувања, туку нова историја, каде што има доволно извори и документи“, додаде Ковачев.

„Многу помогнавме РС Македонија да стане членка на НАТО. Ние го обезбедивме нашето искуство за РС Македонија да биде членка на ЕУ. Ние го испочитувавме членот 2 од Договорот. Без наша помош, немаше да има Договор од Преспа со Грција. Ова го признава премиерот Зоран Заев“, рече Ковачев.

„Ние сакаме да им помогнеме на нашите најблиски луѓе од РС Македонија да станат дел од ЕУ. Ние ќе и помогнеме на РС Македонија, без оглед кој е на власт. Битно е тој да ги преземе важните чекори. Не ја прифаќаме политиката на поранешниот премиер Никола Груевски, кој започна процес на антиквизација и изгради многу споменици на бугарските херои, претставувајќи ги како борци против Бугарија. Не можеме да го прифатиме тоа. Заев направи вистински чекори што Груевски не ги презеде, потпишувајќи ги двата договори со Бугарија и Грција. Сега се чини дека му недостига малку храброст да го исполни Договорот со Бугарија“, категоричен е Ковачев, пренесува Бгнес.

Share
Scroll to Top