Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, го проѕва министерот за здравство, Венко Филипче, барајќи да одговори на прашања кои, како што вели, повлекуваат кривична одговорност, а се однесуваат на модуларната болница во Тетово.
Денеска, 12 дена од трагедијата наместо одговорните да се со лисици на рацете, гледаме снимки од затворените роднини кои протестираа барајќи одговори од надлежните, рече Ковачки.
„Министерот Филипче, на македонската јавност и’ должи одговори на следниве прашања:
Прво, дали е точно дека на состанокот на кој се дискутирало за модуларните болници, сте биле предупредени од стручно лице, дека ПУР панелите не смеат да бидат вградени во модуларните болници и доколку е точно, што преземавте?
Одговорете кратко и јасно со Да или Не, и второ,
Дали министерот Венко Филипче или некој од неговиот тим има информација дали модуларната болница била приклучена на дистрибутивната мрежа во стандардна и нормална процедура или некој си дозволил приклучувањето да го направи од веќе постоечката болница надвор од процедура и без соодветен проект?
Или да ги упростиме прашањата: Дали министре знаевте во што се впуштате, но сепак свесно тргнавте по брзи пари?“, праша Ковачки.
Тој подвлече дека многу елементи укажуваат дека доколку се води независна истрага, тогаш таа ќе заврши директно кај Филипче и Заев. Во моментов, вели Ковачки, и двајцата се на позиции од кои може да влијаат и да ја контролираат истрагата и затоа мора под итно да заминат.