„Крик за љубов“ ја отвора драмската програма на „Охридско лето“

пред 3 години

Драмската програма на годинешното 61-во издание на фестивалот „Охридско лето“ стартува со театарската претстава „Крик за љубов“ од Жозиен Баласко, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во изведба на Народниот театар Охрид. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

„Крик за љубов“ е „комедија на карактери“ натопена во љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта.

Улогата на Жижи Ортега ја игра актерката Адријана Тодороска, во ликот на Иго Мартиел ќе биде Никола Тодороски, улогата на Леон ја игра Ивица Цонев, а Силвестер ќе биде Горан Стојаноски. Сценографијата за претставата ја направи Валентин Светозарев, костимографијата е на Андреј Ѓоргиевски, а музиката ја компонира Марјан Неќак.

Деведесетминутната претстава „Крик за љубов“ е наменета за целата публика.

Режисерот Љупчо Ѓоргиевски е роден 1956 година во Битола. Дипломирал во Скопје на Филозофскиот факултет– група психологија и на Факултетот за драмски уметности – отсек театарска режија. Од 1990 работи во НУ Народен театар – Битола како режисер – драматург. Од 2002-2006г. беше директор на овој театар. Досега има режирано над 70 претстави во сите театри во Македонија, а режирал и во Бугарија, Русија (Санкт Петербург и Казањ) Турција, Романија, Косово и др. Поставува дела од светската класична и современа драма („Цар Едип”, „Медеја”, „Ромео и Јулуја”, „Мачката на вжештен лимен покрив”, „Столови” и др.) како и македонската драма. Особен успех му донесоа поставките на т.н. македонска битова драма („Бегалака”, „Македонска крвава свадба” и „Парите се отепувачка”). Негови претстави учествувале на сите театарски фестивали во С. Македонија и на повеќе фестивали надвор од неа. Со свои претстави гостувал во: Европа, Австралија, Канада и Америка.

За својата работа Ѓоргиески е добитник на повеќе награди и признанија -Награда на градот Битола „ 4 Ноември”, шест награди за најдобра режија, две награди за драматизација и четири награди за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински” – Прилеп, Гран-при во Москва, Белград, три награди на Фестивалот Античка драма – Стоби и др.

Share
Scroll to Top