Лашкоска: Заедно градиме регион без отпад – со силни партнерства до одржлив и функционален систем

Лашкоска: Заедно градиме регион без отпад – со силни партнерства до одржлив и функционален систем

пред 2 часа

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, имаше воведно обраќање на Форумот за регионално управување со отпад – „Заедно за регион без отпад: Кон функционален и одржлив регионален систем“, кој денеска се одржа во Скопје.

Форумот е посветен на унапредување на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион и претставува значаен чекор кон воспоставување модерен, функционален и одржлив систем кој ќе обезбеди поквалитетни услуги за граѓаните и повисоко ниво на заштита на животната средина.

Настанот го отвори амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром, а свои воведни обраќања имаа и министерот за локална самоуправа Златко Перински, извршната директорка на „ЗЕЛС“ Душица Перишиќ и директорот на „SALAR International“ Рајан Нокс.

Во своето обраќање, Лашкоска истакна дека регионалниот план за управување со отпад не претставува само административна обврска, туку суштинска алатка за решавање на еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат општините – нелегалните депонии, недоволната инфраструктура и ограничените капацитети за ефикасно управување со отпадот.

„Со заедничко делување можеме да изградиме модерен и одржлив систем кој ќе обезбеди подобра услуга за граѓаните, заштита на животната средина и поефикасно користење на финансиските средства. Овој проект не е само инвестиција во инфраструктура, туку инвестиција во иднината на нашите општини“, нагласи Лашкоска.

Таа посочи дека се обезбедени финансиски средства преку заемот од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и значајни грантови од Шведска и Швајцарија, додека неопходната опрема и механизација веќе се ставени на располагање на терен.

„Условите за реализација се поставени – сега клучниот фактор е нашата посветеност, координација и одлучност на локално ниво. Поддршката и активното учество на општините се од суштинско значење за успехот на овој процес“, истакна Лашкоска, повикувајќи на силно меѓуопштинско партнерство и доследна имплементација на донесените одлуки.

Настанот е организиран во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и реализиран од SALAR International во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Министерството за животна средина и просторно планирање ја нагласува долгогодишната успешна соработка со Кралството Шведска и ЕУ во процесот на воспоставување на регионалните системи за управување со отпад, како еден од најзначајните инфраструктурни и еколошки реформски процеси во државата.

Текстот Лашкоска: Заедно градиме регион без отпад – со силни партнерства до одржлив и функционален систем е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top