Левица за новите мерки: Сегрегацијата на невакцинираните граѓани е противуставна

пред 3 години

Политилката партија Левица смета дека вакцинирањето против Ковид-19 мора да остане и да биде на доброволна основа и дека нема никакво рационално оправдување за најавените рестриктивни владини мерки насочени кон невакцинираните граѓани.

Ваквите најави се длабоко дискриминаторски во својата основа и истите, како одраз на неолибералниот корпоративизам, се противуставни“, посочуваат од партијата од каде додаваат дека нејзините пратеници во Собранието избрале да се вакцинираат, но тоа е одлука на секој граѓанин поединечно.

Од Левица посочуваат дека својот став, кој е во согласност со Резолуцијата 2361 (2021) на Парламентарното собрание на Советот на Европа, го темелат на повеќе стручни и издржани, правни и медицински аргументи.

„1. Во држава во која со децении владее целосна корупција и тотална негрижа за потребите на народот, функционерите немаат никаков кредибилитет и не смеат да си дозволат посегање по репресивни мерки врз населението!

2. Во тек на целокупното управување со пандемијата, министерот за здравство и Комисијата за заразни болести направија бројни суштински грешки. Министерот, наместо да се заканува со препишани несоодветни мерки од земји со 60-80 милионско население, требаше досега да си даде неотповиклива оставка и на негово место да дојде кредибилна личност.

3. Информациите кои Министерството за здравство ги пласира преку медиумите се оскудни, манипулативни и несоодветни за креирање јасна претстава од стана на стручната и пошироката јавност за реалната состојба на терен.

4. Инсистирање на вакцинирање на граѓани кои го прележале коронавирусот и имаат стекнат имунитет е нехумано! Експерти од фелата јавно изјавуваат дека ова е непотребно и непознато како пракса, а од друга страна, Министерството останува глуво на ваквите компаративни информации.

5. Дали Министерството ја знае вкупната стапка на имунизирани кај нас, земајќи ги предвид сите начини на стекнување природен имунитет?! Веројатноста таа да е поголема од прикажаната е многу голема. Потребни се одговори, наместо заплашувања!“, се дел од ставовите кои од Левица ги наведуваат во својата листа на причини зошто сметаат дека новите мерки во борбата против ширењето на Ковид-19 се неоправдани.

Од таму порачуваат дека министерот Филипче досега многупати требало да си поднесе оставка.

„Кога веќе нема образ за да си оди од функцијата, тогаш заедно со Комисијата е должен да изнајде мерки кои ќе бидат фер, хумани и во рамките на Уставот и законите“, реагираат од партијата.

Share
Scroll to Top