Локалитетот Стамер во Делчево прогласен за природна реткост

пред 3 години

Со денешната промоција и презентација на природните вредности на уредениот палеонтолошки локалитет Стамер, во Делчево, каде се пронајдени фосилни остатоци стари милиони години, беше обележано неговото прогласување за природна реткост и стекна статус на природно наследство.

Државниот секретар во Министерство за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во своето обраќање се осврна на трите локалитети во делчевскиот регион за кои МЖСПП, согласно Законот за заштита на природата, донесе решенија за прогласување за природни реткости во 2019 година.

„Со прогласување на палеонтолошкиот локалитет Стамер, карактеристичниот геолошки профил Звегор и Киселичка Пештера за природни реткости и нивно соодветно управување и уредување ќе се овозможи заштита и зачувување на исклучително вредните палеонтолошки наоди на пикермиска фауна, геоморфолошки форми, но и заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и Европско значење.“, изјави Шукова.

Советникот на општина Делчево, Ванчо Новоселски говореше за почетоците на Стамер, како едно од поголемите палеонтолошки наоѓалишта во Европа, кога пред 14 години е откриена масовната гробница на пикермиска фауна како и за целокупниот локалитет кој го промовира палеонтолошкото богатство од Делчевско.

Според Васил Анастасовски, реализатор на проектот, локалитетот Стамер кај Делчево е последен меѓу 16-те досега евидентирани палеонтолошки локалитети во Македонија, но очигледно со многу вредни наоди.

Задржувајќи се пред сѐ на стручниот дел поврзан со палеонтологијата, претставничката на Природонаучниот музеј на Северна Македонија, Билјана Гаревска истакна дека на овој локалитет пронајден е уникатен фосилен материјал каде неогените седименти вклучуваат различни фосилоносни слоеви.

На локалитетот се поставени информативни и едукативни табли, дрвени патокази, видиковец и витрина со скулптури од дел од пронајдените фосили во природна големина, што го прави особено интересен за посетителите.

Реализацијата на овој проект е поддржана од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од „Фармахем“ од Скопје.

Share
Scroll to Top