Македонија гласаше воздржано на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации за резолуцијата што се однесува на обврските на Израел согласно меѓународното право, вклучително и обезбедувањето хуманитарна помош и основни услуги за палестинското цивилно население.
Резолуцијата беше усвоена со 139 гласа „за“, 12 „против“ и 19 „воздржани“.
Со документот се бара од Израел целосно да ги исполни обврските што произлегуваат од меѓународното право, меѓу кои се почитување на одлуките на Меѓународниот суд на правдата, управување со територијата во интерес на локалното население и соработка со Обединетите нации во добра намера.
Посебен акцент во резолуцијата е ставен на повикот Израел веднаш да овозможи и олесни испорака на хуманитарна помош и основни услуги неопходни за спасување животи на палестинските цивили, вклучително и помошта што ја обезбедуваат Обединетите нации, нивните агенции, други меѓународни организации и држави.
За време на дебатата, израелскиот претставник остро ја критикуваше нацрт-резолуцијата, оценувајќи ја како еднострана и погрешна. Тој изјави дека ваквиот пристап не придонесува за мир, ниту, како што рече, ја одразува реалната состојба на терен, додавајќи дека Израел не може да продолжи соработка со организации што ги смета за пристрасни.
Германија и Русија беа меѓу земјите што гласаа „за“ резолуцијата. Покрај Македонија, воздржани беа и Хрватска, Бугарија, Чешка, Словачка, Албанија, Грузија, Србија и Украина, додека Унгарија гласаше „против“.
Текстот Македонија воздржана за резолуцијата на ОН за обврските на Израел е превземен од МАКФАКС.






