Македонија и Турција ќе ја зголемат соработката во сферата на енергетиката

пред 2 години

Северна Македонија и Турција ќе потпишат Меморандум за соработка во областа на енергетиката што ќе придонесе за зголемување на соработката помеѓу двете земји и поддршка во делот на гасификацијата на нашата земја, информираат од Министерството за економија.

Ова го договориле ресорниот министер, Крешник Бектеши и министерот за енергетика на Турција, Фатих Донмез на билатерална средба во рамки на Осмиот министерски состанок на советодавниот совет за Јужниот гасен коридор, кој се одржа во Баку, Азербејџан.

Во рамки на средбата на која присуствувал и директорот на „Национални енергетски ресурси“ АД, Бајрам Реџепи, двајцата министри разговарале за можните правци за развој во полето на енергетиката, земајќи ги предвид движењата на енергетските политики во светски и европски рамки, како и енергетската криза.

Бектеши информирал дека две турски компании се во конкуренција за избор на фирма која што по пат на јавно приватно-партнрство ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа во државата.

„Процесот е во последна фаза и до крајот на годината треба да биде избрана компанија“, посочил министерот.

Во рамки на министерскиот состанок, Бектеши остварил неформална средба и со министерот за енергетика на Бугарија, Александар Николов.

Двајцата министери размениле мислење за реализација на заеднички енергетски проекти, пред се за интерконективното гасно поврзување на Петрич и Струмица, како дел од процесот на продлабочување на економската соработка помеѓу двете соседни земји.

Бектеши во Баку остварил и неформална средба со европскиот комесар за енергетика Кадри Симсон.

Share
Scroll to Top