Македонија трета во Европа по убиства на жени од партнер или член на семејство

Македонија трета во Европа по убиства на жени од партнер или член на семејство

пред 2 часа

Македонија се најде на третото место во Европа според стапката на убиства на жени извршени од партнер или член на семејството, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2023 година, анализирани од „Еуроњуз“.

Според податоците, во Северна Македонија биле убиени шест жени на еден милион жители, што ја става земјата веднаш зад Латвија и Литванија. Латвија бележи највисока стапка во Европската Унија со околу 17 жени убиени на милион жители, додека Литванија е на второто место со 10 жени на милион жители.

Жени убиени од партнерите или членовите на семејството, во просек од еден милион луѓе

Просекот во Европската Унија изнесува 4,1 убиена жена на еден милион жители, што е значително помалку од стапката регистрирана во Македонија. Според Евростат, жените во ЕУ се убиени речиси двојно почесто од мажите кога сторителот е партнер или член на семејството.

Најниски стапки во Европската Унија, со исклучок на Малта, се забележани во Грција, Шпанија и Холандија. Во Грција стапката изнесува 1,8 жени на милион жители, во Шпанија 2, а во Холандија 2,3.

Податоците покажуваат дека во последната деценија бројот на вакви убиства во ЕУ останал релативно стабилен, со највисоко ниво во 2022 година, кога биле убиени 4,4 жени на еден милион жители.

На глобално ниво, според Обединетите нации, Африка е континентот со највисока стапка на фемицид – 30 жени на милион жители, како и со најголем апсолутен број жртви, со проценети 22.600 убиени жени во 2024 година. Во поширокиот европски регион стапката изнесува пет жени на милион жители.

Обединетите нации наведуваат дека 60 отсто од сторителите на фемицид во 2024 година биле интимни партнери или членови на семејството и ваквите убиства ги дефинираат како „фемицид“ – намерни убиства мотивирани од родово базирани фактори, како нееднакви односи на моќ, родови стереотипи и штетни општествени норми.

Текстот Македонија трета во Европа по убиства на жени од партнер или член на семејство е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top