Матурантите до 30 ноември да предадат тема за завршната проектна задача

пред 3 години

Министерството за образование и наука ги известува срeдношколците од четврта година, најдоцна до 30 ноември годинава да пријават тема за изработка на матурска проектна задача. Пријавувањето треба да го направат во своите училишта.

МОН ги информира матурантите дека од годинава, покрај стариот модел на реализација на проектната задача се воведуваат и нови можности за реализација на истата. Новата можност за реализација на проектната задача е базирана на интересите на учениците и на глобалните трендови во образованието, културата и социјалниот живот на младите. Овие проектни задачи овозможуваат разновидност во пристапот и создавање модели кои ќе го поттикнат креативниот потенцијал на матурантите и нивното критичко размислување за темите од современото живеење.

Во процесот на реализација на проектната задача, матурантите имаат можност да создадат своја идеја во форма на:

1. Младинска иницијатива која ќе предизвика некаква промена во заедницата (волонтерски активности, еко-акции, обуки за стекнување одредени вештини, хуманитарни активности и помош и поддршка на ранливи социјални групи).

2. Дигитални едукативни и социјални платформи (електронски весник или тематски профил) кои обработуваат креативни и образовни содржини од областа на јазикот, културата, науката, уметноста, медиумите/ влијанието на социјалните мрежи, општеството, граѓанското однесување во општествената заедница и сл.

3. Видеоматеријали, кратки филмови, новинарски стории на одредена тема, портрети на личности од важност за заедницата, кампањи (на социјалните мрежи или во физички простор) кои учениците ги изработиле со цел промовирање позитивни вредности.

4. Уметничка или сценска изведба (драма, литературно читање, ораторска вечер, изложба, мултимедијален настан и сл. ).

Преку новите можности за реализација на матурската проектна задача, учениците ќе ја покажат својата иновативност, креативност, творечки потенцијал, лични комуникациски вештини, младински активизам, свест за општествена одговорност, грижа за околината и помош и поддршка на различни социјални групи.

Министерството за образование и наука информира дека годинава и понатаму останува да важи стариот систем за избор на предмети што ќе се полагаат за државна матура, но поради пандемијата со Ковид-19, истите ќе се подготвуваат со скратени наставни програми. Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно обврзание.

Share
Scroll to Top