Во возење се запалил автомобилот на претседателот на Стопанската комора за енергетика, Ѓорѓи Манасков.
Тој патувал со сопатник, а пожарот настанал кога стигнал кај обиколницата во близина на Визбегово, кон Скопје север.
На терен не излегол јавен обвинител, бидејќи возилото се запалило во момент на движење. Тоа значи дека нема елементи на кривично дело.
„Брзата интервентна полиција која беше во близина и Противпожарната екипа која веднаш реагираше, не успеаја да го изгаснат возилото ‘мерцедес С200’ црна боја, кое изгоре до ‘темел’ за неполни 3 минути. Патниците се здрави и живи“, информираа од Стопанската комора за енергетика.
Од МВР потврдуваат дека е излезено на терен по пријава за пожар на автомобил.
„На 21.12.2021 во 21.14 часот во СВР Скопје било пријавено дека на обиколница, во близина на клучка „Мирковци“, настанал пожар во патничко возило во движење „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ѓ.М.(48) од Скопје. Пожарот бил локализиран од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид бил извршен“, соопштија од МВР.