Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ при денешната посета на Велес зборуваше за министрите Спасовски и Маричиќ кои, како што кажа, немаат безбедносни сертификати и потенцираше дека тоа што двајцата министри немаат вакви сертификати ја прават државата хендикеп.
„Во дипломатијата и во безбедносните служби, НАТО безбедносен сертификат или се добива или не ви го даваат без образложение. Оправдувањето од страна на Владата дека никој не е одбиен писмено за НАТО безбедносен сертификат е релативизација на проблемот во кој што се гледа двајца министри, едниот за внатрешни работи, другиот за правда не добиле безбедносни сертификати“, посочи Милошоски.
Според него, лага е дека некој писмено треба да образложува зошто не сте добиле сертификат, бидејќи, како што рече, таква обврска НАТО нема.
„За жал Македонија е хендикеп ако двајца високи функционери немаат безбедносни сертификати, тоа ја прави државата во една подредена положба да не може да ги користи информациите од НАТО. Експертите кои што ја познаваат областа на безбедносните сертификати особено во северно-атлантската алијанса говорат дека може да бидете одбиен или да не ви се даде безбедносен сертификат, ако сте соработувале со служба која не му е наклонета на НАТО или ако сте вмешан во криминал или корупција. На владата е, на Министерството за внатрешни работи и правда да одговорат која е причината зошто овие министри немаат безбедносни сертификати“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.