Министрите Спасовски и Хојс потпишаа Имплементациски протокол за борба против трговијата со луѓе

пред 2 години

Денеска, во клубот на пратеници, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Алеш Хојс, потпишаа Имплементациски протокол помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Словенија за борбата против трговијата со луѓе.

Овој билатерален документ е еден од повеќето што во изминатиот период беа потпишани, чијашто примарна цел ќе биде соработката во превенцијата на трговија со луѓе и сите форми на злоупотреба на деца. Со овој Имплементациски протокол се предвидува и спроведување на заеднички проекти за подигнување на свеста на јавноста за превенција во областа на сузбивање на трговијата со луѓе.

Министерот Спасовски истакна дека како и во изминатите години, ефикасното управување со границите и миграциите и спречувањето на илегалната миграција долж таканаречената „Западнобалканска рута„ останува како еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи, притоа нагласи дека граничното управување во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност.

Од страна на словенечкиот министер за внатрешни работи, Алеш Хојс, беше пренесена целосната поддршка и помош од Словенија за нашиот реформски пат кон целосно интегрирање во ЕУ, а беше повторена и заедничката заложба за поддршка и соработка во областите на заеднички обуки, борбата против трговијата со луѓе и злоупотреба на деца кои се жртви на трговија со луѓе, како и за соработка во подобрување на капацитетите за управување со границите и миграциитe.

“Словенија е токму една од оние земји кои 30 години ја поддржуваат Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат, една од земјите кои навистина работат на тоа да се зачлените во ЕУ и гласно зборуваме во европските институции за тоа. Потпишувањето на овој Имплементацискиот протокол за борбата против трговија со луѓе е само надоградба на една исклучителна соработка на два народи кои постојано покажуваат дека можеме да живееме во соживот, да разменуваме трговски добра, да живееме братски. Во однос на соработката на подрачјето на Министерствата за внатрешни работи, таа соработка е одлична, а вашите информации кои ги добиваме со размена на податоци, не се само важни за нас, туку и за целата ЕУ. Благодарност за сѐ што направивте во текот на првиот мигрантски бран во 2016-2017 година“, рече тој.

Share
Scroll to Top