Мицевски: Власта ги кочи редовната работа и активностите во Собранието

пред 3 години

Поминаа веќе три месеци откако Собранието започна со работа, а сеуште се соочуваме со негова нефункционалност во повеќе сегменти, обвини денеска координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Собранието се уште нема избрани потпретседатели кои би биле замена доколку Талат Џафери не е во можност да присуствува на собраниска седница. Исто така од изборот на потпретседатели зависи и формирањето на Буџетскиот совет на Собранието кој е клучен за финансиското работење на законодавниот дом. Не е формиран ниту Националниот совет за европски интеграции кој што е пандан на Комисијата за европски прашања и кој што е потребно итно да биде формиран посебно во период кога Македонија чека почеток на преговорите со ЕУ како и Делегација во Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Македонија и ЕУ“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицевски посочи дека не се формирани ниту Билатералните групи за соработка со 50 парламенти во светот преку кои што пратениците остваруваат комуникација и соработка со амбасадори и парламенти.

„Три месеци веќе нема состав ниту на Делегацијата на Парламентарнито Собрание на советот на Европа, Делегација на Парламентарното собрание на ОБСЕ, не функционира ниту Делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО , Делегацијата на Парламентарното собрание на Медитеран, потоа Делегација на Парламентарната димензија на Централно- европската иницијатива како и Делегацијата на Интерпаламентарната унија и Делегацијата на Парламентарното собрание на Парламентарната соработка со Југоисточна Европа. Без овие делегации, билатерални групи и национални совети, Собранието не им го обезбедува правото на пратениците да остваруваат меѓународни контакти и соработки со земјите од Европа и остатокот од парламентите во светот“, кажа координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и обвини дека власта ја кочи редовната работа и процесите во законодавниот дом.

Share
Scroll to Top