Мицкоски за Зеќири: Еден Рашковски се замени со друг

пред 2 години

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето како го коментира обвинението за Мухамед Зеќири, рече дека е згрозен иако верува во презумција на невиност и остава органите да си ја завршат работата, иако многу пати до сега изразиле сомневање во објективноста на нивната работа.

„Ако е тоа вистина сум згрозен, бидејќи еден Рашковски се замени со друг, но јавноста треба да знае дека тие крадат за некој друг, за тој што ги поставил таму и многу малку останува за нив. За нив останува срамот и за жал сѐ повеќе се разочаруваат и ако некој сѐ уште си го поставува прашањето зошто Македонија се намалува и граѓаните се селат, токму поради овие причини“,  кажа Мицкоски.

Утрово, јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.

„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

Поради можноста осомничените, меѓу кои е и Зеќири можат да се дадат во бегство, побарана е мерка притвор, за која одлучува Кривичниот суд.

 

Share
Scroll to Top