Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски денеска остварија средба со пратеничката во Европскиот парламент Марион Валсман, која е дел од пратеничката група на Европската народна партија, претставник на германската ЦДУ и директорот на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија, Даниел Браун.
Како шро информираат од партијата, на средбата станало збор за актуелната политичка ситуација во државата и претстојните избори.
И од двете страни било посочено дека се потребни фер и демократски избори и дека власта е таа која треба да овозможи услови за истите.
„ВМРО-ДПМНЕ како градоначалници и советници има луѓе кои поминале низ бројни обуки на Фондацијата Конрад Аденауер во земјата и во странство. Сите тие ќе ги применат стекнатите знаења и во идното управување со општините, но и ќе ги искористат своите контакти стекнати во период на тие обуки за подобрување на животот во нивните места“, нагласил претседателот Мицкоски.
Меѓу другото станало збор и за ситуацијата со ковид-кризата, но и последната случка со несреќата во Тетово, по што од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека власта мора да биде поодговорна и дека е потребно внимание и посветеност за обезбедување поголема сигурност на граѓаните.
Тој воедно ја посочил и потребата од одговорност од Филипче и Хасани.