Мицкоски: Македонија е земја со најсиромашен народ, a најбогат премиер

пред 3 години

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во посета на МИК Свети Николе по која рече дека добил впечаток оти македонската економија е на колена односно дека тешко се стопанисува и тешко се остварува приход.

„Откако се власт, успеаја да ја задолжат државата за 2 милијарди евра, а назад да вратат во македонската економија нема ништо, бидејќи ако ја видете бројката на почетокот од формирањето на првата влада на СДСМ и Зоран Заев, мај 2017 и ја споредите со бројката со која што ја завршивме 2020 година ќе видиме дека БДП е ист, а задолжувањето се зголемило за цели 2 милијарди евра“, нагласи Мицкоски.

Тој посочи и дека Македонија е сиромашна земја со богат премиер.

„Ќе добиете одговор на ова прашање со едноставно споредување на богатството, еве да речеме, на семејството на францускиот претседател господинот Макрон, или пак германската канцеларка и ако го споредите со богатството на семејството на нашиот премиер, ќе добиете одговор дека семејството на нашиот премиер, е два до три пати, или пет, или десет, или сто пати би рекол побогато од семејствата на европските лидери“, рече лидерот на опозициската партија.

Нагласи и дека во Свети Николе дошол за да го поддржи сето она кое, како што кажа, македонската економија го создава како додадена вредност.

„Разговараме со вработените, поддршката ја имаат, јас секогаш ја стегам раката пред овие современи херои и патриоти кои што практично обезбедуваат егзистенција за стотица македонски семејства и наши сограѓани“, додаде Мицкоски.

Share
Scroll to Top