Мицкоски очекува Заев да ја достави оставката во понеделник, во спротивно ќе се гласа недоверба на Владата

пред 2 години

Во понеделник, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја очекува оставката на Зоран Заев од премиерското место, а доколку тоа не се случи, тој најави дека ќе се отпочне со процесот за изгласување на недоверба. Тој посочи дека нема опција за техничка влада, туку само политичка Влада. Според него, се прават притисоци врз 61 пратеник потпишани дека ќе гласаат против владата на СДСМ и ДУИ.

„Од она што јас знам дека уште вчера се прават жестоки притисоци врз дел од овие луѓе кои се потпишани на оваа иницијатива. Сега за сега немам информации дека некој се поколебал и излегол од овој документ. Ја очекуваме час поскоро, оставката на Заев. Познавајќи ги методите на оваа власт, ништо не ме чуди“, рече Мицкоски.

Според него, СДСМ и ДУИ нема да имаат легитимитет да ги спроведат евентуалните предвремени парламентарни избори. Прашан дали Африм Гаши останува на ставот дека не треба да има предвремени избори, Мицкоски кажа дека нема разговарано со него за тоа. Тој не може да каже дали ќе има 61 пратеник за формирање на нова влада од ВМРО-ДПМНЕ.

„Немам проблем да бидам во никаква влада во која ќе имаме мнозинство пратеници. Во случајот го имаме со Алијанса и Алтернатива, движењето Беса и мојата цел беше да биде развластен ДУИ. Тоа беше мојата цел. Имамве двојна цела, покрај тоа да го поразиме СДСМ, да го развластиме ДУИ. Како што кажа претседателот на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ ја победи таа партија во неколку општини“; додаде Мицкоски на прашањето дали би коалицирале со ДУИ во нова Влада.

На новинарско прашање, дали е веројатно дека идната Влада ќе биде повторно со ДУИ, имајќи во предвид ставивте на Левица, но и нивната конфротација со албанските партии, Мицкоски рече: „Многу претпоставки кои во јавноста беа вакви или такви, беа погрешни. Не би претпоставувал, не е време за триумфализам. Да работиме тивко, да не ги оптеретуваме граѓаните со нашите политички гимнастики туку да презентираме само јасна слика, да ја презентираме. Многу работи беа невозможни во минатото, но видовте дека тоа се случи. Видовте дека се случи и на локалните избори. Да оставиме времето да покаже која од овие две опции ќе биде реалност. Една од опциите е Влада во која ќе работиме за основните принципи, но за да се случи тоа треба да разговараме. Јасно е дека 61 пратеник, се потпишаа за една работа, тоа е дека Владата на СДСМ и Зоран Заев нема кредибилитет и легитимитет. Сакам да имаме политичка влада која ќе има полн легитимитет“.

Share
Scroll to Top