Денеска е веќе петти ден како се случуваат овие блокади, овие протести. Протестираме со една цел, а тоа е да видиме што преговара двоецот Заев-Бучковски, бидејќи до сега во јавноста има една општа конфузија за тоа што преговара овој двоец, а е многу значајно затоа што од информациите кои ги добиваме од дипломатски извори од Брисел, но и од официјална Софија, тие преговараат за се’ она за кое велат дека не преговараат, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, се преговара за идентитетот, културата, посебноста, јазикот, наследството и антифашистичката борба.
„И многу е важно јавноста да ја знае вистината, бидејќи некако во јавноста се одомаќини зборот нов договор со Бугарија, односно со Софија. Јас не знам навистина до кога е потребно Зоран Заев да потпишува капитулантски договори на штета на македонскиот народ, на штета на македонскиот идентитет, но едно е јасно дека ниту тоа што до сега го работеше, ниту тоа што во иднина ќе го работи, а колку е пократка таа иднина толку ќе биде подобро за македонскиот народ и македонската држава“, рече Мицкоски.
То изрази надеж дека вицепремиерот Бујар Османи утре ќе оди во парламентот и пред пратениците отворено ќе зборува за тоа за што преговара.