Мицкоски се сретна со Орбан, разговараа за пандемијата, мигрантите и политичките состојби во Македонија

пред 3 години

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потпретседателот на партијата, Александар Николоски, остварија средба со премиерот на Република Унгарија и претседател на сестринската партија ФИДЕШ, Виктор Орбан. На средбата се разговараше за актуелни теми и прашања.

Една од темите беше справувањето со Ковид кризата која преставува заеднички предизвик на државите од Европа, при што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ја потенцираше потребата од поддршка и отворена соработка бидејќи, како што рече, Македонија е една од земјите која досега има најголеми последици од оваа пандемија.

Исто така на средбата беше отворено прашањето за мигрантскиот бран и состојбата на јужната македонска граница, при што Мицкоски ја отслика состојбата со авганистанските бегалци во Македонија. Соговорниците разменија мислење и ја потенцираа важноста за поддршка на заеднички иницијативи како што е Иднината на Европа, кои ќе овозможат перспектива и нови можности.

„Од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски беше посочено дека Македонија во изминатите години владата има исклучително слаб учинок во справувањето со корупцијата и подобрувањето на економскиот амбиент во државата, што е евидентирано и посочувано од страна на нашите меѓународни партнери. Тоа пред се се должи на немањето на капацитет и волја од страна на власта, но беше посочено дека Македонија и македонскиот народ заслужуваат отворање на процесот на преговори, затоа што реформските политички сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ многу скоро ќе имаат можност да спроведат брзи и итни чекори за приближување до европските стандарди“, соопштија од Центарот за комуникации на опозициската партија.

Мицкоски посочи дека државата мора да има целосно дефинирани цели и дека граѓаните заслужуваат иднина базирана на промени, реформи и нови успеси.

Соговорници ја истакнаа одличната соработка на двете сестрински партии и се заложија поддршката да продолжи да се развива и унапредува.

Share
Scroll to Top