Муртезани – Брн: Проширувањето мора да остане кредибилен процес заснован на заслуги

Муртезани – Брн: Проширувањето мора да остане кредибилен процес заснован на заслуги

пред 22 часа

Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска оствари билатерална средба со министерот за европски прашања на Ирска, Томас Брн, кој престојува во работна посета на Скопје.

Средбата беше проследена со заедничка прес-конференција на која министрите упатија силна заедничка порака во поддршка на процесот на проширување на Европската Унија и европската перспектива на Северна Македонија.

Министерот Муртезани истакна дека проширувањето на Унијата е прашање на заедничка безбедност, стабилност и визија, и дека Северна Македонија останува доследно посветена на спроведување на реформите и на воспоставување на европски стандарди.

Притоа подвлече дека процесот мора да биде заснован на заслуги и ослободен од билатерални условувања, како предуслов за зачувување на кредибилитетот на европската интеграција.

„За нас, европската интеграција не е само надворешно-политичка цел, туку длабоко внатрешна трансформација. Нашиот фокус останува на реформи, резултати и јасна посветеност кон европските вредности,“ изјави Муртезани.

Од своја страна, министерот Брн го поздрави напредокот на Северна Македонија и изрази силна поддршка за нејзиниот пат кон полноправно членство во ЕУ. Тој нагласи дека Ирска има позитивно искуство од членството, кое ја зајакнало нејзината култура, јазик и меѓународна позиција.

„За Ирска, тоа што седиме на масата на ЕУ и што сме дел од одлуките е од големо значење. Верувам дека и Северна Македонија, но и сите граѓани и ваши и наши, како и сите граѓани на Унијата, ќе имаат придобивки од овој процес,“ истакна Брн.

Министерот Брн информираше дека Ирска ќе го преземе претседавањето со Советот на Европската Унија во средината на 2026 година, при што го посочи проширувањето како еден од приоритетите во рамки на нивното претседателство.

Министрите се согласија дека е од клучна важност граѓаните да ги препознаат придобивките и конкретните резултати од европскиот процес, и дека тоа бара заедничка посветеност, искрен дијалог и фер услови.

Текстот Муртезани – Брн: Проширувањето мора да остане кредибилен процес заснован на заслуги е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top