На скопскиот аеродром приведени двајца Камерунци со околу еден милион фалсификувани евра

пред 3 години

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за гранични работи и миграции на скопскиот аеродром, при влез во државата, уапсиле двајца Камерунци, Т.Р.Ф.(36) и М.Б.С.(40), поради сомнение за сторени кривични дела правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.

Како што информираат од МВР, при пасошка контрола на пријавените, кои допатувале од Милано, извршена им била дополнителна контрола и при преглед на багажот, кај Т.Р.Ф. биле пронајдени 2.591 исечени парчиња хартија на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 2.363 такви парчиња со дизајн од 100 евра, 463 парчиња од 200 евра, 213 со дизајн од 500 евра, 2 исечени парчиња хартија на кои од едната страна е отпечатен во повеќе бои дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 78 исечени парчиња хартија без никаква ознака, како и две шишиња со течност и УВ-ламба.

При преглед на багажот кај вториот Камерунец биле пронајдени 2.072 исечени парчиња хартија со црна позадина на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 1.321 парчиња со дизајн на банкноти од 100 евра, 247 парчиња од 200 евра, 104 со дизајн на банкноти од 500 евра, како и 1 француска лична карта на име К.В.С. и 1 камерунска патна исправа на име С.И.Ф. за кои нема податоци дека се вистинити.

Пронајдените предмети биле одземени и предадени на вештачење во Народна банка и Одделот за за криминалистичко -технички испитувања и вештачења при МВР, при што било утврдено дека примероците се имитации на евро банкноти со различна апоенска вредност, кои се изработени со користење на професионална опрема.

Исто така, од извршената експертиза од страна на Народната банка е констатирано е дека тие претставуваат примероци во рана фаза од изработката на фалсификувани евро банкноти со апоенска вредност од 50, 100, 200 и 500 евра.

Поради тоа што Камерунците предметите неовластено ги поседувале со намера истите да ги внесат на територијата на нашата држава за да се искористат за правење на лажни пари во вкупна вредност од 902.150 евра, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје , поднесе кривична пријава против двете лица поради сомнение за сторени кривични дела „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ по член 271 став 2 од Кривичниот законик.

 

 

 

Share
Scroll to Top