Небото на Македонија стана дел од системот за воздушно патролирање на НАТО

пред 2 години

Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање.

Од Министерството за одбрана истакнаа дека реализацијата на „air policing“ мисијата во нашата земја е јасен приказ за функционирање на колективната одбрана на сите земји членки на Алијансата.

Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија, а воздухопловните капацитети за реализација на оваа мисија се од грчкото воено воздухопловство. НАТО мисијата за воздухопловно патролирање на небото на Северна Македонија („NATO Air Policing“) е всушност продолжување на „air policing“ мисијата која Северна Македонија ја договори билатерално со Република Грција во септември 2019 година, но отсега под команда на Алијансата.

Денеска во касарната во Петровец  се одржа церемонија со која се одбележа почетокот на оваа НАТО мисија, за чија реализација на 15 ноември беше потпишан и Технички аранжман. Во рамки на настанот, вклучен беше НАТО авион од типот Авакс Е-3А, задолжен за командување и контрола, ловци на грчкото воено воздухопловство од типот Ф-16 и владиниот авион Лирџет.

„Ова е можеби еден од највидливите резултати од нашата стратешка цел – членството во НАТО. Алијансата веќе 72 години гарантира безбедност на огромен број граѓани на Северноатлантската област. Во последните 60 години таа гаранција за безбедноста на граѓаните е пренесена и на небо, со функционирање на „air policing” Мисијата на НАТО. Сега и ние се приклучуваме на таа мисија“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Командантот на НАТО центарот за комбинирани воздушни операции во Торехон, генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака, рече дека„air policing” Мисијата на НАТО им овозможува на сојузниците да работат заедно за гарантирање на безбедноста на воздушниот простор.

Share
Scroll to Top