Николовски: Точно ќе се знае кој функционер со каков имот може да располага

пред 3 години

Точно ќе се знае кое ниво на функционер со каков имот и какви картички може да располага, најави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Тој денеска презентираше што содржи вториот приоритет од владината рамка „Акциски план 21“, со кој е предвидено да се донесат европските стандарди дома.

„Во владина постапка веќе се влезени неколку уредби со којшто ќе се ограничи и намали користењето на службените картички, колите и останатиот имот со кој располагаат функционерите“, рече Николовски.

Според него така ќе се спречи злоупотребувањето на државните ресурси.

„Преку креирање на единствен регистар на недвижности за се што е во државна сопственост, како и преку регистарот на подароци ќе придонесеме за домаќинско управување со државниот недвижен имот. Така ќе се зголеми и нивото на одговорност на носителите на јавни функции“, рече Николовски.

Освен тоа, во првата половина на годината во соработка со USAID ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници.

Меѓу она што е најавено со Акцискиот план 21 е и воведување на телефонска линија на која ќе може граѓаните и правните лица да пријават ненавремено постапување на надлежните институции, по однос на поднесените барања.

Николовски најави и дека во секое министерство ќе се бира најдобар административец на годината за да се јакне свеста за препознавање на корупцијата.

Share
Scroll to Top