Николоски: Oпштините да одат на регулиран наместо на слободен пазар за да добијат поевтина електрична енергија

пред 2 години

Потребно се итни чекори, општините да одат на регулиран наместо на слободен пазар и на тој начин да добијат по евтина електрична енергија, а на компаниите директно да им се даде поддршка, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во Велес.

Тој рече досегашните предлози и апели на опозицијата не беа прифаќани ниту сослушувани.

„Се отиде на еден чист популизам каде што се лаже јавноста дека поскапувањето на електричната енергија ќе биде 10 проценти, кога сите гледаме дека во сето она што не е основно домаќинство односно во институции, во случајот во општината, јавни претпријатија, но и најбитно во стопанството, приватните компании поскапувањето е за 400 до 500 проценти. Значи за четири до пет пати е повисока цената на електрична енергија што јасно ќе води кон затварање на голем број на фабрики односно компании затоа што не можат да издржат да плаќаат 400 до 500 проценти повисока цена на електрична енергија од таа која што ја плаќале до сега, а општините како што е во случајот Велес да се ограничат на основно преживување во текот на годината, наместо на реализација на капитални проекти“, рече Николоски.

Како што додаде, пратениците од опозицијата се подготвени доколку дојде предлог од Владата да го поддржат, а во однос на компаниите потребно е директно да им се даде поддршка затоа што Македонија се соочува со колапс и ситуација каде што може 30.000 до 40.000 луѓе да останат без работа во следните три до четири месеци.

„Поскапувањето исто така го гледаме на дневна основа. Според официјалните податоци на Заводот за статистика цената на маслото за јадење порасна за 25 проценти, цената на лебот и на основни продукти порасна за 10 проценти и тоа е една тивка инфлација која што ја гледаме на дневно ниво и наместо да се зафатат со решавање на овие проблеми, гледаме дворски игри во рамки на СДСМ и на Владата. И затоа единственото решение, единственото реално решение за излез од оваа криза се брзи предвремени парламентарни избори“, додаде Николоски.

Share
Scroll to Top