Игор Никоски, едно од имињата што сè почесто се споменуваат како потенцијален кандидат за градоначалник на Кисела Вода, во моментов директор на Управата за животна средина и долгогодишен вработен во Општина Кисела Вода, во интервју за „Макакс“ зборува за својата визија и иднината на општината. Со повеќе од 17 години искуство во локалната администрација и непосредна работа на терен, тој ја истакнува разликата меѓу локалното и централното управување и ја нагласува потребата од комбинирање на стратегиски политики со практични решенија за граѓаните.
Никоски посочува дека неговиот најголем адут е долгогодишното искуство и конкретниот пристап кон решавање на проблемите, додавајќи дека „Кисела Вода заслужува европски решенија – од модерна комунална инфраструктура и дигитални услуги, до нови зелени површини и квалитетна јавна чистота“.
Иако неполна година сте директор на Управата за животна средина, жителите на Општина Кисела Вода ве препознаваат како долгогодишен вработен во општината, а подоцна и како шеф на инспекциската служба. Кажете ни, каква е разликата во функционирањето на централната и локалната власт, гледано од вашата професионална перспектива?
„Разликата е суштинска. На локално ниво сте во постојан контакт со граѓаните, ги слушате нивните проблеми и реагирате директно на терен. На централно ниво работата е повеќе стратегиска, со поширок опфат и резултира со носење политики кои се применуваат низ целата држава. Двете искуства се важни – од ситните, секојдневни предизвици на граѓаните до стратешките компоненти кои ја движат државата. Морам да истакнам дека унапредувањето на животната средина на државно ниво бара координирана активност на повеќе институции, ефикасна меѓуресорска соработка и интензивни едукативни програми. Од друга страна, локалната инспекциска работа подразбира поголема ажурност во откривањето прекршувања и доследна примена на казнени одредби. Комбинираното искуство ми овозможува да ја спојам стратегијата со конкретната работа на терен“,
Големото искуство во општината, но и вашето долгогодишно политичко искуство, придонесоа вашето име да се споменува како еден од потенцијалните кандидати за градоначалник на Кисела Вода. Кој е вашиот најголем адут?
„Точно е дека моето име се споменува, иако би сакал да нагласам дека сите потенцијални кандидати се чесни луѓе со капацитет да придонесат за општината. Јас сум човек кој целиот свој живот го има поминато во Кисела Вода. Со долгогодишно искуство во општината и во рамките на мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, секогаш сум бил достапен за граѓаните. Како шеф на инспекциската служба секојдневно бев на терен – решававме диви депонии, проблеми со канализација, дивоградби.
Мојот најголем адут е искуството и конкретниот пристап во решавањето на проблемите. Луѓето знаат дека не давам празни ветувања, ниту политиката ја гледам низ призмата на личен интерес. Напротив, јас сум човек од народот и за народот. Дополнително, транспарентноста и достапноста се вредности на кои инсистирам – граѓаните ќе имаат право да предлагаат идеи и да бидат дел од процесот на одлучување. Верувам дека мојата професионална биографија, комбинирана со квалитетна програма, е клучната разлика што можам да ја понудам“.
Имате ли веќе конкретни планови и проекти за развојот на Кисела Вода?
„Да. Работејќи над 17 години во општината и живеејќи тука над 40 години, добро ги знам предизвиците и имам конкретни решенија. Најважно е подобрување на комуналната инфраструктура. Иако изминативе години многу работи се решија, сè уште постојат населби без соодветна водоводна и канализациона мрежа, што е неприфатливо за 21 век. Имаме проблеми и со јавната чистота, осветлувањето, сообраќајот и енергетската ефикасност.
Мојата визија е да се надградат постоечките успеси и да се воведат нови европски решенија – проширување на зелените површини, изградба на нови паркови со спортски содржини, целосна дигитализација на услугите на општината (онлајн пријави, електронски документи, транспарентен буџет), енергетска ефикасност на јавните објекти и „паметни“ семафори. Особен акцент ќе ставам на младите преку отворање младински клубови и функционален младински совет“.
Како планирате да ги вклучите граѓаните во носењето одлуки и да ја зголемите транспарентноста?
Граѓаните ќе бидат во срцето на одлучувањето. Ќе организираме редовни средби по месни заедници и консултативни средби за конкретни проекти. Ќе се развие модерна онлајн платформа и мобилна апликација „Пријави проблем“, каде жителите во реално време ќе пријавуваат дефекти или проблеми, а општината ќе реагира брзо. Исто така, ќе објавувам редовни извештаи за трошоците и реализацијата на проектите, со детални информации за буџетот. Целта е граѓаните да се чувствуваат вклучени и да имаат доверба во локалната власт“.
Имате ли порака за граѓаните доколку станете кандидат за градоначалник?
„Ќе им порачам дека заедно можеме да изградиме општина која ќе биде пример за цела Македонија – со чисти улици, зелени паркови, модерни училишта, безбедна инфраструктура и бројни културни и спортски настани. Тоа не се празни зборови, туку план кој ќе биде реализиран. Моите врати секогаш ќе бидат отворени за граѓаните – за нивните идеи, предлози и критики. Општината е на граѓаните, а нашата должност е да им служиме чесно, одговорно и професионално“.
Текстот Никоски: На Кисела Вода и требаат „паметни“ семафори е превземен од МАКФАКС.