Нов зелен сквер кај „Млин Балкан“ во Центар

пред 4 години

Нов зелен сквер е отворен кај поликлиниката „Идадија“, во центарот на Скопје.

На локацијата кај „Млин Балкан“ целосно се преуредени површините на предниот и на задниот парк. Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата е уреден за да се искористи како место за одмор, а задниот парк е детско игралиште.

„Овој проект го водевме според интересите на граѓаните и анкетите што ги спроведовме, какви простори тие сакаат во нивната микро средина со цел просторот да го прилагодиме на нивните потреби. Како што може да видите, она што беше сериозно руинирано место сега е едно пријатно катче кое очекувам граѓаните да го користат според нивните потреби зашто е направено на нивно барање“, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Станува збор за редизајн на постојна зелена површина од 585 квадратни метри околу поликлиниката „Идадија“.

Инвестицијата на Град Скопје за овој проект изнесува околу 2,6 милиони денари, а локацијата е избрана од страна на граѓаните во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година.

Шилегов најави реконструкција на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, на потегот од раскрсницата со булеварот Климент Охридски до кружниот тек кај Католичката црква.

„Постапката е веќе започната и очекувам летово да почнеме со работа, според оние стандарди што веќе ги внесовме, со велосипедски патеки, со ново зеленило, обнова на тротоарите и обнова на коловозот, така што во текот на ова лето овој простор во срцето на нашиот град ќе добие сосема нов изглед“, најави Шилегов.

Share
Scroll to Top