Денеска во Охрид се одржа на заедничката седница на националните комисии на УНЕСКО на Северна Македонија и на Албанија на која што е договорено да се отвори ново поглавје во билатералните односи меѓу двете држави во заедничкото управување со Охридскиот Регион, како природно и културно наследство што го споделуваме со целиот свет.
„Во однос на Охридскиот регион двете држави се сериозни во намерата да се следат препораките и да се зачува статусот на УНЕСКО, како и воопшто да се унапреди состојбата на Охридскиот Регион и да се заштити природното и културното наследство кое го поседува. Драго ми е што сите активности се преземаат координирано со нашите соседи и што настапуваме заеднички пред Комитетот на УНЕСКО презентирајќи ја идејата за конкретен заеднички План за опоравување и акциски план, со што ја покажуваме сериозноста во нашиот пристап. Се надевам дека ќе добиеме дополнителен временски период за исполнување на истиот, пред да се најдеме на листата на загрозено светско наследство – изјави министерот за животна средина Насер Нуредини.
Заеднички е ставот дека Владите работат напорно на ова прашање без оглед на тоа што е се уште период на пандемија и се соочуваме со економска криза. Од страна на Министерство за животна средина и просторно плнирање веќе се работи на ревалоризацијата на природните вредности на Охридското Езеро и е изготвен првиот нацрт на новото зонирање, со помош на експертите на Меѓународната Унија за конзервација. Тоа е основата за репрогласување на Охридското Езеро како споменик на природата, но суштината е во донесувањето на Новиот план за управување со Езерото, со кој ќе се обезбеди соодветната заштита. Министерите Нуредини и Клоси зборуваа и за интензивирање на соработката во овој дел преку вклучување на албаниските колеги експерти во усогласувањето на активностите на двете страни од границата, со цел обезбедување на интегрирана заштита. Министерот Нуредини информираше дека е подготвен и Нацрт Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, кој треба во секој момент да биде објавен за консултации со јавноста, а решението за привремена заштита на подрачјето е веќе потпишано од негова страна. Исто така, разговарано е и за други теми од заеднички интерес како што е новиот план за управување на Националниот Парк Галичица, и заедничките активности во заштита на Преспа Паркот.
Со седницата претседаваа министерките за култура на Северна Македонија и на Албанија, Ирена Стефоска и Елва Маргарити, а придонес, од аспект на своите ингеренции, покарај министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини, неговиот албански колега, министерот за туризам и животна средина Бленди Клоси, свој придонес дадоа и членовите на националните комисии и експерти од двете земји.
Претставниците на националните комисии на двете земји се договорија заедничкиот стратегиски план, кој ќе содржи и детален акциски план со мерки и идни активности, да го достават до Центарот за светско наследство на УНЕСКО најдоцна до февруари 2022 година.