Оваа недела Ден без автомобили во Скопје

пред 3 години

Во недела, на 30 мај, Градот Скопје ќе организира Ден без автомобили под мотото „Улици за луѓе“. За таа цел, улицата Васко Карангелевски во Аеродром ќе биде затворена за автомобилски сообраќај вкупно 12 часа, во периодот од 8 до 20 часот. На потегот од булеварот Јане Сандански до крстосницата со улицата Владимир Комаров ќе се случуваат различни културни активности за возрасните, но и за најмладите.

„Организирањето ваков ден без автомобили може да биде одличен пример за насоката во која што се движи Градот, со цел промоција на политиките за креирање одржлив сообраќаен систем, но и да даде можност граѓаните активно да се вклучат и да ги почувствуваат придобивките од хуманизацијата на урбаниот простор“, велат од Град Скопје.

Ваквите активности, велат од таму, исто така, одат во прилог на зацртаната цел на Град Скопје да се стекне со титулата „Зелена престолнина во Европа“. Таму, токму одржливата урбана мобилност е еден од дванаесетте критериуми и особено е нагласено дека Градот треба да се стреми кон преполовување на употребата на автомобили со конвенционални фосилни горива до 2030 година.

„Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а ова е докажано низ многу примери во Европа и во светот“, велат од Градот.

Share
Scroll to Top