Одвојувањето на Македонија и Албанија би требало да открие други кочничари, вели бугарски дипломат

пред 3 години

Правилен е ставот на Бугарија за одвојување на Северна Македонија и Албанија бидејќи така ќе се види дека и Тирана има проблеми, а Софија не е основната пречка за двете земји, вели бугарскиот дипломат и експерт по меѓународни односи, Милен Керемедчиев,, пренесе „Дојче Веле“.

Керемедчиев во интервју за „Радио Фокус“ вели дека колку побрзо се формира владата и Бугарија добие навистина репрезентативен министер за надворешни работи, се надева дека толку побрзо ќе се вратат на преговарачката маса со силни позиции и со јасна перспектива.

„Сметам дека е правилен последниот став на Бугарија за разделување на Албанија и Република Северна Македонија, бидејќи така ќе се види дека и Албанија всушност има проблеми за започнување на преговорите за членство, кои произлегуваат од други западноевропски држави, како Холандија и Франција, кои имаат стравови од брз прием на Албанија во ЕУ. Така повеќе ќе се види и дека Бугарија не е основната сопка и пречка за членство на двете држави во ЕУ“, вели Керемедчиев.

Тој смета дека двете земји се различни во својата подготвеност и дека е логично да бидат одвоени во процесот, но не верува дека тоа ќе се случи, бидејќи политиката на ЕУ е да ги поврзува кандидатите и да бидат примани заедно. Потсетува дека таков бил случајот и со Бугарија и Романија, иако двете земји меѓусебно постојано се обвинувале дека едната ја кочи другата.

Share
Scroll to Top