Од денес аплицирање за субвенциониран студентски оброк за студентите кои досега не го оствариле ова право

пред 2 години

Министерството за образование и наука информира дека од денес до 31 јануари повторно е достапна можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Ова се однесува на студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, но не успеале да се пријават и / или да го остварат ова право досега. Можноста е достапна секој месец и  од 20ти до 30ти, односно 31-ви во месецот.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и со прикачување на пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на Северна Македонија и не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.

Досега, правото на субвенциониран студентски оброк го остварија над 27 илјади студенти на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.

Share
Scroll to Top