Од мај почнува реконструкцијата на Универзалната сала, идејното решение е донација од архитектот

пред 4 години

Универзалната сала во Скопје ќе биде реконструирана во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед со цел и понатаму да служи во колективната меморија, како симбол на солидарноста, изјави премиерот Зоран Заев на настанот по повод презентацијата на проектот за реконструкцијата на салата.

Премиерот Заев, заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, го најавија почетокот на реконструкцијата, со промоција на проектот изработен од архитектот Бујар Муча, нагласувајќи дека градежните работи треба да започнат во мај.

„Универзалната сала, во времето кога е изградена, ја пренесе пораката до постземјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на светска пандемија, кога започнуваме со нејзината обнова, салат повторно ја носи истата порака дека животот мора да продолжи. И уште еднаш солидарноста доаѓа до израз. Архитектот Муча и неговото архитектонско биро ‘Мегарон’, на Град Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална сала како донација. Град Скопје ја прифати донацијата и откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи се предвидува почеток на реконструкцијата на 1 мај“, изјави Заев.

Градоначалникот Шилегов искажа голема благодарност во Владата која, како што посочи, одвоила 120 милиони денари средства од Буџетот за реализација на овој проект.

„Универзална сала беше омилена културна институција на многу скопјани, а за многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, а за мене тоа е доволна причина и мотив повторно да ги отвориме нејзините врати за посетителите“, рече Шилегов.

Согласно проектантските насоки, Универзална сала ќе ја задржи постоечката форма со внатрешна реорганизација на просторот со нови современи материјали за фасада, а самиот објект ќе биде енергетски ефикасен.

Share
Scroll to Top