Од мај стартува електронскиот упис на првачиња

пред 3 години

Од први мај се воведува нова услуга за електронски упис на првачиња.

Преку порталот uslugi.gov.mk родителите/старателите ќе можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето.

Новата дигитална услуга денес ја промовираше министерката за образование и наука, Мила Царовска, заедно со претставникот на британската амбасада во Скопје, Ричард Малион, извршната директорка на ЦУП Неда Малеска -Сачмароска и со Стефан Богоев градоначалникот на општина Карпош при посетата на ОУ „Вера Циривири Трена“.

„Оваа година благодарение на Центарот за управување со промени (ЦУП) и Британската амбасада голем дел од услугите кои ги нуди МОН се дигитализираа, а посебно сум горда на оваа услуга која го олеснува пристапот на родителите кон упис на нивните деца и наши ученици во образовниот систем. Тоа ќе го направат со прикачување на сите потребни документи и откако тој административен процес ќе се заврши имаат само една посета во училиштето на средба со педагогот и проценка и понатамошно започнување на процесот на образование на еден ученик“, рече Царовска.

Од ресорното министерство нагласуваат дека услугата за електронски упис на првачиња е големо олеснување и за администраторите во училиштата, бидејќи наместо нив, податоците за секој запишан ученик се внесуваат автоматски во ЕСАРУ системот, каде се води евиденција за сите училишта во државата.

За користење на алатката од страна на училиштата, предвидени се соодветни обуки кои започнуваат уште утре.

Царовска воедно најави дека во следниот период ќе се дигитализираат и низа други услуги поврзани со основното и средното образование, но и во делот на науката.

Share
Scroll to Top