Општина Аеродром е една од осумте општини која се стекна со грант од Европската Унија преку кој ќе се спроведат соодветни иновативни решенија, информираат од општината.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски денеска присуствуваше на конференцијата која е заеднички настан на програмите финансирани од ЕУ – „ЕУ за општините“ и „Прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија“, при што потпиша договор за кофинансирање на проектот „Чист Аеродром“. Договорот се потпиша со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој дополнително ги уредува и предвидува аранжманите за кофинансирање на овој проект, а се овозможени од Владата на Швајцарија.
Овој договор, како што се додава во соопштението е дел од исклучително голем проект за управување со отпад во вредност од околу 600.000 евра, а со што значително ќе се подобри управувањето на општинско ниво.
„Општина Аеродром има за цел да стане национален лидер во управувањето со отпад, а благодарение на програмата од ЕУ и Швајцарската амбасада ваквите проекти го подобруваат животот на граѓаните.
Во следниот период имаме засилени средби со повеќе донатори, за да се стигне до конечна цел – опипливи проекти за аеродромци“, посочуваат од општината.