Општина Липково добива нова детска градинка која ќе згрижи 102 деца

пред 3 години

Министерката за труд и социјална политика , Јагода Шахпаска заедно со градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, денеска потпишаа Договор за грант со кој се доделуваат финансиски средства за изградба на нова детска градинка во населеното место Матејче.

„Новата градинка ќе биде со капацитет за згрижување на 102 деца, на возраст до 6 години, за чија изградба и опремување Министерството за труд и социјална политика издвои 50 милиони денари“, изјави министерката за труд и социјална политика.

Градоначалникот на Општина Липково, Арифи, информираше дека според официјалните статистички податоци, на територијата на општина Липково живеат околу 2.200 деца на возраст до шест години, како и дека изградбата на оваа нова градинка е вистински потег во правец на решавање на предизвикот.

Досега, со средствата од проектот, кој ресорното министерство го спроведува со поддршка од Светска банка, реконструирани се градинки во Ресен и Боговиње, а во тек е изградбата и реконструкцијата на уште осум градинки во Кавадарци, Неготино, Кочани, Струмица, Пробиштип, Крива Паланка и во скопските општини Кисела Вода и Ѓорче Петров, во кои ќе се згрижат уште 1.349 деца.

Share
Scroll to Top