Ослободен осомничениот за пукањето во Ѓорче Петров, биолошките траги од возилото не биле негови

пред 4 години

По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршена е анализа на биолошки материјал – ДНК траги, кои беа пронајдени во возилото од кое постои сомнение дека билo пуканo, при што беше повредено едно лице во населбата Ѓорче Петров.

Настанот се случи на 1.3.2021 година, околу 16 часот, на улица „Борис Сарафов“ во Скопје, кога од патничко моторно возило Голф 5 без регистарски таблици беше пукано со огнено оружје кон автомобил Мерцедес со скопски регистарски таблици, управувано од лице од с. Горно Свиларе, при што возачот на Мерцедесот се здоби со прострелна рана во левата натколеница.

„ Денеска во обвинителството пристигна извештајот од извршената анализа на биолошкиот материјал од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија. Согласно доставената анализа, биолошките траги пронајдени во возилото Голф 5 не одговараат на ДНК профилот на лицето спрема кое беше определена мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа. Истовремено, обвинителството презеде и процесно дејствие – препознавање, при што оштетениот не го препозна притвореното лице како лице сторител на кривично дело кое испукало проектили кон него.

При вака утврдени факти обвинителството утврди дека не постои основано сомнение дека лицето спрема кое беше определена мерка краткотраен притвор е сторител на кривично дело, па од тие причини нема да отвори истражна постапка против него. Воедно надлежниот обвинител го извести Судијата на претходна постапка при надлежниот суд и побара лицето веднаш да биде пуштено од краткотрајниот притвор“ соопшти обвинителството.

За истиот настан, беше приведено уште едно лице, но тоа е пуштено, бидејќи од МВР не беа обезбедени и приложени докази за негова инволвираност.

Обвинителството издаде повеќе наредби и насоки на Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на идентитетот на сторителот на конкретното кривично дело. Откако МВР ќе го утврди идентитетот на сторителот и ќе обезбеди докази во поглед на кривичното дело, ќе поднесе кривична пријава по која обвинителството ќе постапува согласно надлежноста.​

Share
Scroll to Top