Османи во Берлин: Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор

пред 3 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, работната посета на Германија утрово ја започна со средба со министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас.

На средбата беа отворени темите поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија, како и последните актуелности од регионален аспект.

„Главниот фокус на средбата беше ставен на заокружување на нашата стратешка цел, членство во Европската унија, а во тој контекст беше дискутирано и за амбициите на регионалните иницијативи како што е Берлинскиот процес. Османи го информираше Мас и за реформите за јакнење на правната држава и борбата против корупцијата, при што беше посочено дека оваа битка ќе остане непристрасна и неселективна и ќе биде направено сѐ да се задржат и оваа година високите оценки кои континуирано, Северна Македонија ги добива од Европската комисија“, соопшти МНР.

Дискутирајќи за можностите за имплементација на одлуката за почеток на преговорите, Османи нагласил:

„Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор: операционализација на одлуката за почеток на преговорите, преку усвојување на преговарачката рамки и одржување на Првата Меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес“.

Ссоговорниците разговарале и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, состојбите поврзани со КОВИД-19 пандемијата, актуелни прашања од доменот на меѓународната политика, како и соработката во бројните мултилатерални организации.

„Потврда за успешноста на билатералната соработка е фактот што Германија е трговски партнер број еден за нашата земја. Над 200 компании од Германија се партнери на нашите компании, каде работат преку 20 илјади наши граѓани. Често повторувам затоа што лично сметам дека бизнисот треба да ги предводи дипломатските односи меѓу земјите и затоа посакувам многу повеќе германски бизнис кај нас“, рекол Османи.

Посетата на министерот Османи на Берлин продолжува со средбата со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе се сретне и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и Комисиите во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.

Share
Scroll to Top