Османи до Борел: Време е да се направат напори за почеток на преговорите

пред 2 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за време на неговата посета на Скопје.

Како што информираат од ресорното министерство, соговорниците се согласиле дека воениот конфликт во Украина претставува силна повреда на основните принципи на меѓународното право, сериозен удар врз демократскиот поредок, како и сериозен удар врз безбедносната архитектура на Европа и со тоа реална закана за светскиот мир, безбедност и стабилност како и импликациите што може да ги има врз земјите од Западен Балкан.

„Верувам дека ова се историски времиња кои бараат цврсти и навремени одлуки, но и единство во дејствувањето на целата ЕУ и нејзините земји-членки. Нашиот закочен процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, која надворешните актери лесно и вешто го користат во нивните активности. Затоа, нема простор за двоумење кон оние земји кои спремно се придржуваат до заедничките европски вредности, принципи и стандарди. Ваквата состојба е императив земјите-членки на ЕУ да направат заеднички напори, да изградат консензус и да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Членството на регионот во ЕУ е суштинска безбедносна, политичка и економска додадена вредност за Унијата“, истакнал Османи.

Share
Scroll to Top