Вестите од Бугарија не се охрабрувачки, продолжуваме со комуникација на ниво на МНР, изјави денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи на прашањето околу односите и решавање на спорот со Бугарија.
„За жал, не се охрабрувачки вестите што доаѓаат од Бугарија во делот на формирање на институциите, бидејќи тоа се покажа како важен фактор во изнаоѓање решение за надминување на разликите што се причина за оваа непринципиелна блокада на нашата европска перспектива. Ние бевме во очекување дека во овој втор обид ќе има инститиции, за да можеме во тој политички дел да комуницираме и да изнаоѓаме решение. Меѓутоа, независно од тоа, комуникацијата помеѓу двете министерства продолжи и во изминатиот период, имаше директна комуникација на експерти од двете министерства кои разговараа по однос на прашањата што беа отворени на последниот состанок во Софија и презентирани како можност за утврдување на патоказ за надминување на разликите. Се разбира, тоа е колку да се одржи една комуникација на ниво на министерства, за да не се создаде јаз што потоа потешко ќе може да се исполни. Но очигледно дека е потребно формирање на политичка влада, политички институции, за да може да се најде решение“, рече Османи.
Тој потенцираше дека македонската страна е подготвена за продолжување на разговорите.
Го посочи претстојниот самит на ЕУ, на 6 октомври, како исклучителна можност за успех и сериозна порака кон Западен Балкан дека овој пат персективата се враќа на својот колосек.
„Јас цело време бев на ставот дека политичка влада не е неопходна за да се донесе одлука за започнување на преговори, бидејќи политичката одлука за истата е веќе донесена во март 2020 година со согласност и на Бугарија. Првата меѓувладина конференција требаше да биде само техничко исполнување на една политичка одлука и оттука се надевав дека може и техничка влада да ја донесе таа одлука. Меѓутоа очигледно тоа се покажа како невозможно. Ние продолжуваме да комуницираме како што комунициравме претходните денови на ниво на експерти со МНР и со техничката влада, убедувајќи дека регионот и европската перспектива на регионот не смееат да бидат во заложништво на внатрешните политички динамики на која било земја членка“, додаде Османи.