Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска учествуваше на веб конференција со Стопанската комора на Истанбул, на тема: „Трговски и инвестициски можности со Република Северна Македонија“.
Во своето обраќање изрази уверување дека досегашната целокупна економска соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Турција го нема достигнато посакуваното ниво од двете држави и укажа дека постојат многу можности кои треба максимално да бидат искористени како на државно ниво, така и од страна на бизнис заедниците и компаниите.
Информираше дека Министерството за надворешни работи подготви нов концепт на економска дипломатија, со цел создавање на услови за искористување на економските потенцијали кои Република Северна Македонија ги има со другите држави.
„Креиравме нов концепт на делување на надворешно економски план, преку ‘tailor made’ пристап, се со цел унапредување на економските односи со другите земји со кои има потенцијал за привлекување на инвестиции, зголемување на трговската размена и привлекување на туристи. Концептот подразбира испраќање на економски советници токму во тие држави/региони“, истакна Османи, нагласувајќи дека Република Турција, како важен економски партнер, е една од првите дестинации во која Министерство за надворешни работи ќе испрати економски советник.
На веб конференцијата презентација имаше и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски кој го претстави новиот концепт за привлекување на инвестиции и можностите за турските компании.
“Ја отвораме државата за сите инвеститори кои ќе донесат поголема додадена вредност, стабилни работни места и повисоки плати за нашите сограѓани. Со новиот концепт на привлекување инвестиции само во последниве 5 месеци успеавме да поттикнеме интерес кај над 30 компании меѓу кои и од Турција, со кои преговараме за инвестиции од над 425 милиони евра. Четири турски компании веќе инвестираат над 15 милиони евра кои треба да донесат над 200 работни места“, истакна Деспотовски, додавајќи дека она што не прави различни е новиот индивидуализиран пакет за државна помош, креиран врз анализа на инвестициски планови и профил на компанијата, како и новиот систем за грижа на корисници, таканаречен систем “на една влезна точка“ кој нуди поедноставен пристап до услугите за компаниите и персонализирана поддршка.
„Со ваквиот сет инвестициски мерки креираме нова развојна економска политика и поволна бизнис клима во која ќе одиме напред со инвеститори кои растат заедно со државата”, порача Деспотовски.