Османи: Претседавањето со ОБСЕ во 2023 – уште еден дипломатски успех за Северна Македонија

пред 3 години

На Министерскиот состанок на ОБСЕ во Тирана беше одлучено со консензус, Република Северна Македонија да биде домаќин и да претседава со ОБСЕ во 2023 година, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„ Денеска извојувавме дипломатски успех за нашата држава. Со консензус, односно сите 56 земји учеснички во ОБСЕ, ја прифатија нашата кандидатура, со што и официјално ни го доделија претседавањето со организацијата во 2023 година, кое ќе следи по Шведска во 2021 година, и Полска во 2022 година“, истакна Османи.

Министерот информираше за текот на подготовките што ќе следат во наредниот период, пристапувањето кон дефинирање на предлог програмата и дефинирање на нашите приоритети, детализирање на финансиската конструкција, како и формирање на поширокиот тим кој ќе биде одговорен за реализација на активностите до и за време на нашето претседавање.

„ Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија, како конструктивен актер и контрибутор во промоцијата на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе се создаде и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја-членка на НАТО и идна земја-членка на ЕУ“, истакна Османи.

Зборувајќи за меѓународниот успех и признание за покажаниот напредок кој како земја го демонстрираме во изминатите години, како во поглед на домашната реформска агенда, внатрешната кохезија особено преку уникатниот модел на мултиетнички односи, но така и на меѓународно ниво, во регионални, европски па и светски рамки, Османи потенцираше:

„ Тоа пред сѐ значи можност и за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во рамките на претстојниот процес на преговори за полноправно членство; но и во изградбата на репутацијата на земјата или политичкиот бренд – Република Северна Македонија, како стабилен меѓународен партнер, дел од современите општествени системи, силен поддржувач на мултилатерализмот-што претставува еден од петте приоритети на надворешната политика“.

Share
Scroll to Top