Османи-Трас: Западен Балкан останува приоритет за Обединетото Кралство

пред 3 години

Министрот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на престојот во Лондон се сретна со државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лиз Трас. Двајцата министри разговараа за развојот на билатералните односи меѓу двете земји, но голем дел од разговорот беше посветен и на регионалните предизвици и европската перспектива на Северна Македонија.

На средбата беше констатирано дека текот на имплементацијата на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство е многу значајна компонента во развојот на целокупните релации. Разговараа и за континуираната успешна соработка во областа на одбраната, а како исклучително значајна е долгогодишната британска поддршка за јакнење на воените капацитети на нашата земја и секако за соработката во НАТО, како уште една алка на поврзување и соработка на двете земји во иднина.

Соговорниците констатираа дека Западниот Балкан има важна улога за севкупната стабилност и напредок на Европа, а интеграција на регионот во Европската Унија претставува взаемен геостратешки интерес од политички, безбедносен и економски аспект. Соговорниците се согласија дека е неопходен е засилен ангажман и присуство во регионот на Обединетото Кралство, САД и Европската Унија што ќе придонесе кон остварување на заедничката цел – стабилен и просперитетен Регион. Европската и евроатланската перспектива остануваат главна движечка сила за трансформација на сите земји од Регионот во демократски и економско развиени општества и во таа насока отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со Европската Унија позитивно на стабилноста и долгорочниот развој на целиот континент.

Османи на маргините на министерскиот состанок во Лондон се сретна и со Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина и Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, но и со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисерка Турковиќ. Исто така, министрот Османи се сретна и со министерката за Европа и Америките на Обединетото Кралство, Венди Мортон како и со Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на Премиерот, Борис Џонсон, каде што се збореше за нови потенцијали за бизнисите; потенцијали и за нови странски инвестиции, но и можности за проширување на постоечките бизнис капацитети во земјава.

Share
Scroll to Top